Синдикатот на УПОЗ претставуван од Секцијата на млади, од 27.07 до 30.07.2018 година, зема учество на летната школа организирана од Синдикатот на Управата на Република Српска, на која покрај овие два синдикати, учествуваа и Синдикатот на управата на Србија и Синдикатот на Управата и Правосудството на Црна Гора.

Проект “ПРИБЛИЖУВАЊЕ НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА НА МЛАДИТЕ РАБОТНИЦИ ОД РЕГИОНОТ И ЗАПОЗНАВАЊЕ СО ДОБРИТЕ ПРАКСИ И УЧЕЊЕ НА РАБОТНИТЕ ПОЛИТИКИ беше финансиран од WESTERN BALKANS FUND а организиран од страна на Синдикатот на управата на Република Српска кој се одржа на Козара, во хотел Монументум од 27.07 до 30.07.2018 година каде Синдикатот на УПОЗ како партнер на овој проект имаше значајна улога.  

 За време на работниот дел, младите синдикални претставници разменија идеи и начин на функционирање на нивните синдикати со што едни од други имаа можност за споделување на искуства низ кои поминале. Од страна на организаторот кој на мошне интересен начин го задржи вниманието на учесниците, на крајот искажаа дека за нив ова преставува огромен успех, но и за едукаторите и сите учесници. Во тридневниот престој, покрај работниот дел, синдикалните претставници имаа можност да го посетат фестивалот Козара пул фест, на кој настапија реномирани бендови.

Во наредниот период ќе биде организирана средба на која заеднички регионалните координатори ќе ги подготват натамошните активности.

Утврдена е репрезентативност на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ на ниво на гранка со важност од три години.

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ) на 06.11.2017 година до Комисијата за утврдување на репрезентативност поднесе барање за утврдување на репрезентативност на синдикат на ниво на гранка, односно одел Јавна управа и одбрана.

Кон барањето приложени беа и списоци со кои се докажува дека Синдикатот на УПОЗ ги исполнува условите за репрезентативност, согласно член 213-в од Законот за работните односи.

 Комисијата на седницата одржана на ден 05.06.2018 година, го разгледа барањето на Синдикатот на УПОЗ заедно со приложената документација и утврди дека Синдикатот на УПОЗ ги исполнува условите за утврдување на Репрезентативност заради учество во колективно договарање на ниво на гранка, односно оддел во смисла на член 210 став 2 од Законот за работните односи и му се даде репрезентативност на синдикатот, заради учество во колективно договарање на ниво на гранка односно оддел.

Трипати во континуитет Синдикатот на УПОЗ добива решение за репрезентативност со што му се овозможува како легитимен социјален партнер да ги претставува и застапува своите членови, да преговара со работодавачите и да потпишува колективни договори.

**Извадок од Службен весник на РМ бр.130 од 16.07.2018 година

На средбата се разговараше за статутот и положбата на вработените во судската и јавнообвинителската служба и вработените во казнено поправните и воспитно поправните установи, а беа отворени и прашања околу потпишување на Колективен договор за правосудните органи, како и измени на посебните закони за вработените во правосудството.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски заедно со Генералниот секретар Трпе Деаноски остварија работна средба со Министерот за правда проф. д-р Рената Дескоска.

 Оваа средба треба да преставува пресвртница во воспоставувањето на нов социјален дијалог со Министерството за правда, која во изминатиот период беше на најниско ниво. На оваа прва средба со министерката Дескоска се разговараше за неколку прашања, а посебен акцент беше ставен за решавање на отворените прашања за враќање на незаконски задржаните средства за време на штрајкот на вработените во судовите од 2016 година, запирање на предложените измени на Законот за судската служба и носење на сосема нов Закон, решавање на исплатата на додатоците на плата за јавнообвинителските службеници и конечно решавање на проблемите на вработените во КПУ и ВПУ.

Претставниците на Синдикатот на УПОЗ детално ја запознаа Министерката со незаконската постапка со која на штрајкувачите им беа скратени дел од платите за време на штрајкот во судовите од 2016 година. Истовремено, министерката беше запознаена дека за овој проблем е разговарано и со Премиерот на Р. Македонија и беше побарано во најбрз рок да се најде решение со кое овие средства ќе им се вратат на штрајкувачите.

Претставниците на Синдикатот на УПОЗ исто така истакнаа дека повторно не се вклучени во носење на измените на Законот за судска служба и до министерката доставија забелешки на предложениот Закон за измена на Законот за судска служба и побараа предлог законот да се повлече од причина што истиот не утврдува поволни одредби за унапредување на вработените во судската служба. Исто така, беше побарано во иднина Синдикатот на УПОЗ да биде вклучен во сите измени на законите и подзаконските акти и беше посочено дека првата измена која треба да се направи во Законот за судска служба е да се утврди правото судските службеници да ги добијат додатоците на плата за посебни услови, постоење на висок ризик, доверливост и ноќна работа како што тоа го добија судиите, јавните обвинители и јавнообвинителските службеници, Синдикатот на УПОЗ да добие член во Советот на судска служба и можност стручните соработници да бидат избирани за судии.

Во однос на јавнообвинителските службеници беше побарано повторно да почне исплата на додатоците на плата и да се реши проблемот со степенот на кариера кој им следува на овие вработени.

Претставниците на Синдикатот на УПОЗ исто така побараа да се оствари заедничка средба на Синдикатот на УПОЗ и Министерката со Директорот на управата за извршување на санкции за да конечно се решат проблемите во казнено поправните и воспитно поправните установи кои опстојуваат повеќе години.

Министерката Дескоска изрази подготвеност и воља за решавање на сите отворени прашања кои ги поставија претставниците на Синдикатот меѓу кои и отвореното прашање за изнаоѓање на работодавач на судската служба и конечно потпишување на колективен договор со кој би се унапредиле правата на оваа група вработени.

По повод Меѓународниот ден на трудот - Први Мај, во знак на почит на вечната борба за поголеми права и во знак на сеќавање на историската 1886 година кога загинаа работници борејќи се за осумчасовно работно време односно поголеми права за работниците, Синдикатот на УПОЗ ги повикува сите членови и работници достоинствено и синдикално да го одбележат Први мај - Меѓународниот ден на трудот.

Синдикатот на УПОЗ, пред пет години, соочен со апатијата и не одбележувањето на празникот на трудот - Први мај од синдикатите во Македонија, беше иницијатор за потпишување на Повелбата за солидарност заедно со Синдикатот на Македонската дипломатската служба (СМДС), Синдикатот на Клинички Центар и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), и ја потпишаа Повелбата во очи на одбележување на Први мај.

Целта на потпишување на Повелбата за солидарност беше овие синдикати бидат предводници на новото синдикално движење во Македонија а одбележувањето на Први мај стане традиција. Од тогаш па до ден денес кон Повелбата за солидарност се приклучија и други синдикати и здруженија, како и левичарски движења.

Под мотото НЕ БИДЕТЕ ОПУШТЕНИ ДА НЕ БИДЕТЕ ОТПУШТЕНИ како еден од најголемите првомајски протести кој беше организиран од Синдикатот на УПОЗ заедно со потписниците на Повелбата за солидарност, во 2015 година, го организираа најголемиот Првомајски протест до сега на кој учествуваа 4000 учесници кои го изразија револтот за лошите законски решенија кои стапија на сила истата година, односно примената на Законот за административни службеници и Законот за судска служба.

Иако новата влада се направи мали измени во Законот за административни службеници, Синдикатот на УПОЗ ќе ја продолжи битката за суштински измени на Законот за административни службеници и Законот за судска служба но и за сите други закони кои произлегуваат од Законот за административни службеници и за поголеми права од работен однос.

Затоа да бидеме единствени и сложни, Ве повикуваме масовно да излеземе на одбележувањето на Меѓународниот ден на трудот - Први мај како членка на Сојузот на синдикати на Македонија и потписниците на Повелбата за солидарност.

Првомајскиот протест организиран од ССМ ќе започне во 10.30 часот од пред зградата на ССМ, а потписниците на Повелбата за солидарност своето одбележување ќе го започнат од плоштадот Карпошово востание (Филип Втори) и ќе се маршира до Собранието и Владата на РМ.

Ценејќи ја потребата за достоинствено одбележување на Први мај, Ве повикуваме масовно да го одбележиме Меѓународниот ден на трудот.