Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на Р.Македонија (УПОЗ) во кој членува и синдикалната организација при Државната комисија за спречување на корупција земаа учество во дел од подготовките и изработката на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, кој што Собранието на Република Македонија веќе го донесе на седницата одржана на 17 јануари 2019 година.

Со овој значаен Закон се уредија мерките и активностите за спречување на корупцијата во вршењето на власта, јавните овластувања, службената должност и политиката, итн.

За нас како Синдикат беше важно да се избориме за вработените во секретаријатот во Државната комисија за спречување на корупцијата да имаат право на додаток на плата за посебни услови за работа, за постоење на висок ризик и за доверливост. Вкупниот износ на висината на додатоците согласно со чл.20, ставот (5) од овој Закон не може да изнесува повеќе од 30% од основната плата на вработениот.  

Порачуваме дека ние како синдикат на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на Р. Македонија и понатаму ќе работиме интерес на членовите на Синдикатот.

Денес во Министерството за информатичко општество и администрација на барање на дополнителниот заменик министер Невена Стаменковска Стојковска се одржа работна средба со Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски.

На средбата Претседателот Пецо Грујовски ја информираше Стаменковска Стојковска во врска со активностите на Синдикатот на УПОЗ во учеството во донесување на законите и колективните договори.

Посебно стана збор за учеството на Синдикатот на УПОЗ во донесување на измените на Законот за административни службеници и Законот за вработени во јавниот сектор, како и за активностите околу потпишување на Гранскиот колективен договор на органи на државна управа, стручни служби на Владата на Република Северна Македонија, судови, јавни обвинителства, казнено - поправни и воспитно - поправни установи, државно правобранителство, единици на локалната самоуправа, агенции, фондови и центри за социјални работи и други органи основани од Собранието на Република Северна Македонија.

Во врска со преговорите за Колективниот договор, Претседателот Пецо Грујовски информираше дека преговорите се водени година ипол, и дека двете страни се усогласени и се очекува негово потпишување.

На средбата беа разменети информации кои се од суштинско значење за административните службеници и беше заклучено дека треба да се одржуваат повеќе работни средби во нивни интерес.

До започнувањето на кампањата за Претседателските избори стрелките на часовникот започнуваат да вртат забрзано. Синдикатот на УПОЗ и Министерство за информатичко општество и администрација скоро шест месеци преговараат за потпишување на колективниот договор за административните службеници, службениците вработени во правосудните органи и другите вработени во државната управа и правосудните органи. Ќе успееме ли пред стартот на претседтелката трка, да го потпишеме договорот?

Преговорите за потпишување на Колективен договор за административните службеници, службениците вработени во правосудните органи и другите вработени во државната управа и правосудните органи меѓу претставниците на Владата и Синдикатот на УПОЗ почнаа кон крајот на август кога беше одржана и првата работна средба на која беше утврдена динамиката со која работните групи од двете страни почнаа да ги усогласуваат евентуалните разлики во Предлог - текстот на Колективниот договор.

 Искрено, Синдикатот на УПОЗ очекуваше преговорите да финишираат кон крајот на октомври, но очигледно преговарањето може да трае и подолго со цел да се дојде до квалитетни решенија. Ова е посебно важно затоа што потпишувањето на колективниот договор треба да значи добивање на поголеми права на работниците, но и гаранција за нивно почитување.

Синдикатот на УПОЗ во очекување стрелките да започнат да се движат во саканиот правец потсетува на барањата, но и на дилемите пред кои сме исправени.

Побаравме: регрес за годишен одмор, дневници за службени патувања, јубилејни награди, додатоци за плата за работа во смени, ноќна работа и прекувремена работа, зголемување на платените денови од годишен одмор, прецизирање на дисциплинските постапки, како и покренување на прашањето за пресметката и исплатата на платите да се регулира со Колективен договор, а не како сега со Закон.

Во врска со регресот за годишен одмор, популарниот К-15, иако со поединечни колективни договори ова право е предвидено и се исплаќа во некои институции во јавната администрација, со потпишување на Колективен договор исплаќањето на регресот за годишен одмор би било задолжително за сите институции во јавната администрација. Ова не е нереално барање, уште повеќе што истото е содржано, во стариот Колективен договор од 1995 година и врз основа на таа одредба за исплата на регрес на годишен одмор во државните органи некои работници го остваруваат правото поведувајќи спор пред надлежните судови. Што се однесува, пак, до јубилејните награди како Синдикат сметаме дека со оглед на тоа што оваа право е уредено со Закон треба да се уреди и со Колективниот договор. Исто така, работните групи формирани од министерствата и Синдикатот усогласија и некои одредби во Колективниот договор како што се деновите на платено отсуство заради лични и семејни потреби и тоа до седум работни дена во годината и правото на неплатено отсуство, како и во институциите каде што има синдикална организација, на претставникот на Синдикатот да му биде овозможено да биде дел од функционалната анализа на самата институција, а се утврди и надоместокот на трошок поврзан со работата, но и други прашања.  

За дилемите. Дали Колективниот договор да важи за сите или само за членовите на Синдикатот?

Дилема или не? Имено, работниците се зачленуваат во синдикати заради остварување на своите економски и социјални права и плаќаат доброволно членарина од која што, пак, се финансира синдикатот. Се прашуваме дали Синдикатот кој се финансира од членовите треба да се бори и условно речено за ,,нечленовите” иако сметаме дека секој работник е важен! За воља на вистината и за ова има решение. Едното од нив е ако ,,нечленовите” сакаат да ги уживаат истите права како и членовите, тогаш по примерот на некои синдикати од регионот истите да плаќаат одреден надмоесток или пак правата во колективниот договор да ги уживаат само институциите во јавната администрација во кои има формирано синдикална организација на Синдикатот потписник на колективниот договор.

И барањата и дилемите се пред нас и во фотофиниш мора да се разрешат. Пред да почне изборната кампања која ќе значи запирање на активностите за потпишување на колективни договори, и во оваа прилика ќе потсетиме на изјавата на ресорниот министер за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски кој во ноември минатата година рече дека лично тој очекува  Колективниот договор наскоро да биде потпишан. Но каков и со каква права за јавната администрација?

Пенкалата се подготвени. Повикуваме пенкалата да ги земеме во раце и конечно да го потпишеме Колективен договор за административните службеници, службениците вработени во правосудните органи и другите вработени во државната управа и правосудните органи.

Владата треба да покажете и на дело дека потпишувањето на Колективниот договор е значајно и за неа! Дотолку повеќе што Колективен договор за јавната администрација не е потпишан од 1995 година, а од тогаш до сега Законот за работни односи и законите кои ја регулираа работата на јавната администрација претрпеа суштински измени од кои некои беа и на штета на работниците. Дајте со најмоќното оружје колективниот договор да го потпишеме и конечно и јавната администрација да ги добие правата кои со години наназад им беа ускратувани, односно истите права кои ги имаат вработените во приватниот сектор. Ништо повеќе и ништо помалку.

Синдикатот на УПОЗ со иницијатива за промена на работното време и измена на Законот за празниците смета дека воведување на 7 часовно работно време е реално како што тоа го имаат и неколку други земји членки на Европската Унија како што се Франција, Данска, Италија, Холандија, Ирска, Белгија. Со измена на оваа одредба во Законот за работни односи би се утврдил 7 часовен работен ден, односно 35 часовна работна недела.

Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ), Пецо Грујовски на денешната конференција за медиумите ја информираше јавноста за Иницијативата на Синдикатот на УПОЗ за промена на работното време и измена на Законот за празниците. Оваа иницијатива доаѓа по прифаќањето на барањето за флексибилно работно време што го охрабри Синдикатот на УПОЗ на овој следен чекор бидејќи добрите иницијативи наидуваат на разбирање и прифаќање.

 

Тој смета дека ова е виситнски момент за поднесување на Иницијативата бидејќи Министерството за труд и социјална политика е во фаза на изработка на нов Закон за работните односи. Синдикатот на УПОЗ смета дека е вистинско време и Република Македонија да се приклучи на земјите членки од Европската унија и новите трендови според кои се намалува работното време и работната недела. Затоа, Синдикатот на УПОЗ предлага воведување на 7 часовно работно време како што е воведено веќе во неколку други земји членки на Европската Унија, како што се Франција, Данска, Италија, Холандија, Ирска, Белгија.

Со измена на оваа одредба во Законот за работни односи би се утврдил 7 часовен работен ден, односно 35 часовна работна недела.

Претседателот на УПОЗ Пецо Грујовски смета дека воведувањето на работното време од 7 часа на ден ќе овозможи добивање на неколку бенефиции.

,,Седумчасовното работно време ќе овозможи намалување на невработеноста затоа што се врши подобра распределба на трудот, односно има голем број вработени кои работат подолго од 8 часовното работно време, а од друга страна голем број на граѓани се невработени. Со намалување на работното време за 10,2% од секој работник, теоретски, ќе доведе до потреба работодавачите да ангажиаат дополнителен број на работници со што би се намалила и невработеноста. И од економски аспект има бенефит затоа што во услови на неорганизирана исхрана во органите на државната управа поскап е пладневниот оброк на вработените, а исто така зголемена е потрошувачката на топлинска и електрична енергија. Од социјален  аспект, пак, ќе се зголемат можностите за грижа кон семејството, за  релаксација и рекреација. Во недостаток на целодневна настава на децата-ученици  отежнато е нивното згрижување и семејно воспитување, што е спротивно со заложбите и политиките за  подобрување и зачувување на семејните вредности, а од биолошки аспект - работното време особено во попладневниот период не покажува особена креативност и продуктивност. Најголемата креативност и најголемиот дел од работата се завршува до 14:00 часот, а ова дотолку повеќе се има предвид дека според географската положба денот во Македонија започнува и завршува порано во однос на заподноевропските земји”, рече престедателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски.

Инаку, со сегашното решение во Законот за работните односи, односно ставовите 1 и 2 од членот 116 е предвидено дека полното работно време не смее да биде подолго од 40 часа неделно, а работната недела по правило трае 5 работни дена. Во ставот 3 од истиот член е наведено дека со Закон или Колективен договор може да се одреди пократко работно време од 40 часа неделно, меѓутоа не помалку од 36 часа неделно.

Во однос на иницијативата за измена на Законот за празници, Грујовски нагласи дека во 2007 година дотогашниот празник 2-ри јануари се укина како неработен, додека годинава со одлука на Влада повторно се прогласи како неработен.

,,Реакциите за ваквата одлука беа позитивни и кај вработените во администрацијата, а и стопанството позитивно ја оцени оваа одлука но поради кусиот период и планираните активности истата не беше во можност да ја спроведе. Бидејќи во овој период од годината, работните процеси се сведени на минимум како во јавниот, така и во приватниот сектор, а и многу компании и вработени ги спојуваат новогодишните и Божиќните празници предлагаме 2 јануари повторно да биде прогласен како празник во Република Македонија. Меѓународниот ден на трудот Први Мај е ден кој во најголем број држави во светот е празник на трудот и одбележувањето се практикува во знак на сеќавање на борбата за зачувување и унапредување на правата на работниците. Овој датум е прифатен и традиционално редовно во светот се организираат демонстрации во знак на одбележување на Меѓународен ден на трудот, изјави Грујовски и додаде дека Република Македонија има долга историја на прославување и одбележување на овој датум од историјата на работничкото движење и затоа треба да се продолжи со одбележување, односно покрај 1.Мај, и 2.Мај да биде прогласен за државен празник.

Иницијативата за прогласување на 2-ри јануари и 2-ри мај за неработни денови, како и за воведување на седумчасовен работен ден, Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на (УПОЗ) ја поднесе до Владата на Република Македонија и Министерството за труд и социјална политика.