Денес пред Царинската управа, вработените и членови на Синдикатот на УПОЗ одржаа предупредувачки протест кој беше организиран со едно единствено барање а тоа е Правилна примена на членот 67 став 3 од Законот за царинската управа во кој е наведено дека Царинските службеници добиваат 30% од платата како надополнување на редовната плата поради посебните работни услови, како и поради посебната одговорност која произлегува од работното место.

Иако овој став е содржан и во Колективниот договор за вработените во Царинската управа, ниту еден вработен никогаш не го добил овој додаток на плата и овој додаток до сега ниту еднаш не е наведен на платните листи кои им се издаваат на вработените.

Со Законот за буџетите и со автентичното толкување на членот 66 од овој Закон, Министерството за финансии и сите органи во министерството за финансии добија додаток на плата во висина од 30%. Иако, Царинската управа е орган во состав на Министерството за финансии и се понадевавме дека конечно и на вработените во Царината ќе им се исплати овој додаток, одговорот повторно беше негативен.

Овие вработени кои денес се излезени на протест со извршување на нивните работни задачи го полнат државниот буџет за повеќе од 51% секоја година, носат оружје, вршат претреси, изложени се на висок ризик и не бараат ништо повеќе од тоа да се почитува и правилно да се применува Колективниот договор и Законот за царинската управа.

Вработените во Царинската управа, денеска одлучија да се изрази револтот на мирен начин, за време на пауза и да не се нарушува работниот процес со цел граѓаните на Р. Македонија да можат да патуваат, а приватниот сектор и стопанството да имаат слободен  увоз и извоз на стока.

Со оглед на тоа што Царинската управа има нов директор, Синдикатот на УПОЗ очекува ова да биде негова прва работна задача и сме спремни да оствариме работна средба на која ќе договориме рокови за решавање на овој проблем.

Нашето барање е праведно и правично, законски издржано и како што вика нашиот народ не бараме преку леб погача туку го бараме само она што ни следува. 

Итно решение на проблемот со додатоците на плата и висината на платите на вработените во судската служба беа главни прашања на Синдикатот на УПОЗ на првата средба со новоизбраниот претседател на Судскиот совет г-дин Сашко Георгиев

На првата средба со Претседателот на Судскиот совет, претставниците на Синдикатот на УПОЗ проследија низа барања за заштита на правата на членовите и вработените во судската служба, а главно барање за кое се разговараше беа исплата на додатоците на плата и зголемување на платите на вработените.

Претставниците на Синдикатот на пренесоа дека постои огромно незадоволство меѓу вработените во судовите поради ниските примања кои се недоволни за нормален живот на вработените, а особено големо незадоволство постои поради не исплатата на додатоците на плата, особено откако се зголемија платите на судиите за 78%.

Претставниците на Синдикатот на УПОЗ истакнаа дека состојбата со платите е алармантна и дека доколку во краток временски рок не се најде решение ќе се организира штрајк со што ќе се блокира работата на судовите.

Претседателот на судскиот совет беше запознаен и за фактот дека нема скоро никакви унапредувања на вработените во судовите, а редовно преку јавни огласи се вработуваат лица на високи нивоа во судската служба, дека не се издаваат решенија за награда поради не носење на правилник од страна на Министерството за правда, се постави и прашањето за исплата на регресот за годишен одмор за 2023 година.

Претседателот на Судскиот информираше дека на денешната седница на Судскиот буџетски совет ќе се разговара за прашањето на додатоците на плата и дека од негова страна веќе се преземени конкретни чекори истите да се обезбедат, но дека истото зависи и од други институции, а не само од Судскиот буџетски совет.

Сите барања на Синдикатот на УПОЗ беа издвоени како официјални заклучоци од состанокот кои ќе се користат за решавање на истакнатите проблеми.

Во фер и натпреварувачка атмосфера од 01.06 до 04.06.2023 година, во Хотелскиот комплекс Метропол во Охрид, се одржаа 28-мите спортски игри и средби на Синдикатот на УПОЗ. Оваа година, учество зедоа над 400 учесници на Синдикатот на УПОЗ од 34 синдикални организации и тоа од:

  • Државен пазарен инспекторат
  • Општина Битола
  • ЈП Стрежево Битола
  • Град Скопје
  • Државен завод за ревизија
  • Царинската управа на РСМ
  • Основен суд Куманово
  • Државен инспекторат за земјоделство
  • Основен суд Тетово
  • Дирекција за заштита и спасување
  • Општина Гевгелија
  • Основен граѓански суд Скопје
  • Општина Демир Хисар
  • Општина Карпош
  • КПУ Затвор Штип
  • Општина Гази Баба
  • Агенција за катастар на недвижности
  • Здружение на возачи на град Скопје
  • Општина Струмица
  • Основен суд Струмица
  • Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој
  • Основен суд Кавадарци
  • Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство
  • Општина Крива Паланка
  • Центар за социјална работа Велес
  • Јавните обвинителства на РСМ
  • Основен суд Делчево
  • Општина Кочани
  • Службен весник на РСМ
  • Управата за јавни приходи
  • Општина Тетово
  • Општина Штип
  • Министерство за информатичко општество и администрација
  • Општина Кавадарци

Севкупен победник во машка конкуренција беше екипата на Општина Карпош со освоени 10 поени, а севкупен победник во женска конкуренција беше екипата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување со освоени 11 поени.   

Севкупен победник на 28-мите спортски игри и средби на Синдикатот на УПОЗ беше Синдикалната организација при Општина Карпош со освоени 27 бод.

Наградата за фер плеј ја доби Агенцијата за катастар на недвижности, а за најдобар спортист беше избрана Биљана Младенова од Основен суд Кавадарци со освени три први места и едно трето место.

Свеченото отворање се одржа на терасата на хотел Белви а претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски ги поздрави учесниците и ги отвори спортските игри. И оваа година, подржувачи на Синдикатот на УПОЗ беа Кожуфчанка од Кавадарци, Халк Банка и Скопска пивара АД Скопје.

За помасовно учество, шест синдикалните организации ја искористија можноста која ја дава Солидарниот фонд и искористија 104 позајмици во вкупен износ од 643.600,00 денари.

Третата вечер беше резервирана за доделување, за што беа обезбедени пехари и дипломи што преставуваше врв на тридневните натпреварувања, дружења и забава.

Врз основа на искажувањата и впечатоците на сите учесници, можеме да констатираме дека имавме успешни игри и средби.