За прв пат во историјата на Македонија добивме отказ на Колективен договор.

Ова е преседан во социјалниот дијалог и колективното преговарање и е прв колективен договор во нашата држава кој го откажува работодавачот, во случајов Владата преку МЗШВ.

Начинот и постапката за отказот на Колективниот договор, наликува на класичен случај на злосторничко здружување од кривичниот законик во кој се вклучени Државниот инспекторат за труд, МЗШВ и Владата на Р. Македонија, и сето тоа се одвивало на следниот начин:

По барање на МЗШВ дадено на седница на Владата, Владата го задолжува ДИТ да направи надзор на Колективниот договор на МЗШВ. ДИТ не можејќи да најде ништо спротивно на закон во одредбите на колективниот договор, излегува од рамките на своите ингеренции и ЗАКЛУЧУВА ДЕКА колективниот е добар, но ПОСТАПКАТА за склучување на колективниот договор била спротивна на закон и поради тоа налага на Владата да го раскине колективниот договор. Потоа Владата на седница носи одлука за отказ на колективниот договор и на крај Министерот за земјоделство испраќа допис со кој овој колективен договор е откажан.

 Ова во најмала рака, е исмевање на колективните договори, омаловажување на вработените, и е показател дека утре на ист ваков начин ќе посегнат да откажуваат и други колективни договори и да ги намалуваат правата на вработените кога и како ќе сакаат.

Согласно законските одредби, по отказот на колективниот договор истиот ќе може да се применува уште шест месеци, а потоа неговите одредби повеќе нема да важат.

Ова значи дека припадниците на шумската полиција, кои земаат плата согласно одредбите на овој колективен договор, ќе земаат плата уште шест месеци и потоа господ нека им е на помош.

Намерата на Министерството беше платите на припадниците на шумската полиција да ги префрли во закон и на тој начин да го заобиколи колективниот договор. Мислеа дека така ќе ги изиграат вработените и синдикатите, но вчера Министерството доби информација од друг државен орган дека платите на шумските полицајци, МОРА да бидат регулирани ИСКЛУЧИВО со колективен договор И НА НИТУ ЕДЕН ДРУГ НАЧИН, со што министерството си го поставува прашањето: Е СЕГА ШТО ПРАЈМЕ ОТКАКО ГО ОТКАЖАВМЕ КОЛКЕТИВНИОТ ДОГОВОР?

Најголем грев на овој колективен договор, беше тоа што во него стои одредба за исплата на јубилејни награди на вработените, право кое е дадено во Законот за работните односи и само допрецизирано во колективниот договор и заштита на вработените во најавената реформа и реорганизација на јавната администрација.

Ова право министерството за земјоделство ниту еднаш не го исплати на вработените, не побара преку социјалниот дијалог и во преговори со Синдикатот да се изнајде решение за исплата, туку се закануваше со поднесување на кривични пријави до синдикатот и бараше виновници на секаде, само не кај себе.

Бидејќи колективниот договор ќе трае уште само шест месеци, јавно ги повикувам сите членови на Синдикатот на УПОЗ и сите вработени во Министерството за земјоделство да ги искористат сите поволности кои ги дава колективниот договор и по пат на поднесување на тужби да ги остварат своите права, за што Синдикатот на УПОЗ ќе им даде бесплатна правна помош.

Исто така го информирам и министерот за земјоделство дека против него и против други лица ќе бидат поднесени кривични пријави согласно член 166 став од 1 од Кривичниот законик, поради неисполнување на правата од колективниот договор.

Согласно нашите информации следен за откажување е уште еден колективен договор и веројатно владата нема да застане тука туку ќе продолжи со ваква пракса се до конечното укинување и забрана на Колективното договарање.

Владата треба да сфати дека ова ќе биде црна дамка во делот на социјалното партнерство за нашата држава на патот кон ЕУ, затоа што се прекршени одредбите од меѓународните конвенции кои ги има верификувано Република Македонија.

Синдикатот на УПОЗ како рамноправна членка на Европската (ЕПСУ) и Светската федерација на синдикатите од јавниот сектор, ќе ги извести за овој преседан и ќе побара преку нив да биде известен и Советот на Европа за да ја спречи Владата во намерата да го опструира процесот на колективното преговарање и социјалното партнерство.

Вчера 16.11.2022 година, во просториите на ССМ, се одржа работен состанок со претседателите на синдикалните организации при Синдикатот на УПОЗ од судовите на кој присутните беа запознаени со тековните активности кој Синдикатот на УПОЗ ги презема во овој период.

Претседателот Трпе Деаноски ги информираше присутните дека од месец септември од страна на Министерството за правда, е формирана работна група која работи на новиот текст на Законот за судска служба, во која Синдикатот на УПОЗ активно учествува со свој преставник. Претставникот на Синдикатот на УПОЗ во работната група, колешката Лилјана Зафирова од Апелациониот суд Скопје, има клучна улога креирањето на овој закон. За таа цел, Претседателот Деаноски побара од присутните, да ги запознаат членовите на синдикалните организации кои активно треба да даваат со цел да се направи подобар текст на Законот за судска служба.

Големо внимание на состанокот се посвети на актуелната измена на Законот за судска служба со кој се предвиде зголемување на платите на една категорија вработени во судовите за 15%. Се заклучи дека мора да се внимава исплатата на 15% да се изврши на правилен начин и дека ниту еден вработен не смее да биде оштетен со новата пресметка. Доколку се забележат било какви неправилности веднаш да се извести Синдикатот за да може благовремено да се реагира.

Бидејќи ова зголемување не ги опфаќа судските полицајци и помошно – техничкиот персонал, за наредната недела се закажа посебен состанок со припадниците на судската полиција за да се договори натамошното делување на оваа група вработени во однос на зголемувањето на платите.

Исто така, Претседателот Трпе Деаноски ги извести присутните дека во месец септември, на иницијатива на Синдикатот на УПОЗ беше одржана работна средба со претседателот на Врховниот суд Беса Адеми на која се разговараше за повеќе отворени прашња кои се однесуваат на судските службеници. Оваа средба беше иницирана од причини што, од изборот на нов претседател на Судскиот совет Павлина Црвенковска, на повеќе барања за средба на Синдикатот не се одзва на ниту еден повик за средба.

Денес 04.11.2022 година, Комисијата за солидарен фонд ја одржа својата шесста седница, на која беа разгледани барања по најразлични основи поднесени од страна на членовите на Синдикатот на УПОЗ. Во периодот помеѓу две седници, беа реализирани вкупно 292 неповратни барања во вкупен износ од 953.300,00 денари.

Со цел да им се излезе во пресрет на членовите на Синдикатот за поднесените барања, на 04.11.2022 година Комисијата за Солидарен фонд, ја одржа својата шесттата седница на која беа разгледани барањата на членовите по разни основи.

По основ парична помош за боледување беа поднесени осум барања барања кои во вкупен изнесуваат од 37.600,00 денари. Четири барања беа поднесени и реализирани по основ парична помош за лекување, во вкупен износ од 16.000,00 денари. Исто така на седницата беа разгеледани и пет барања за парична позајмица за лекување и школување во вкупен износ од 134.000,00 денари.

Во периодот меѓу двете седници од 02.09.2022 година до 04.11.2022 година, согласно Правилникот беа одобрени и исплатени вкупно 292 барања во вкупен износ од 953.300,00 денари и тоа:

  • Парична помош за новороденче – 20 барања во износ од 60.000,00 денари
  • Парична помош за смрт на член на потесно семејство – 11 барања во износ од 110.000,00 денари
  • Парична помош за пензионирање – 33 барања во износ од 96.300,00 денари
  • Парична помош по член 28 (исклучителен случај) – едно барање во износ од 3.000,00 денари (исплата за заболените членови од Ковид 19);
  • Парична помош во исклучителни случаи – едно барања во износ од 6.000,00 денари.
  • Парична помош за прваче – 226 барање во износ од 678.000,00 денари.

Од 26. до 28. октомври, во Охрид, Секцијата на млади при Синдикатот на УПОЗ, одржа работилница насловена "Нова сила на младинското општество". 

На оваа работилница, учество зедоа 25 млади членови на Синдикатот на УПОЗ, кои преку работа во групи и неформално образование, разменија идеи за натамошниото делување на оваа секција. Целта на оваа работилница, беше да се обучат што повеќе млади членови, како да пристапат до младите лица во своите работни средини, и да го пренесат своето искуство за членувањето во Синдикатот. 

Во наредниот период очекуваме што повеќе млади вработени, да го препознаат Синдикатот како заштитиник на нивните права од работен однос, и да што повеќе млади се приклучат во синдикалното движење.