За потребите на одделот на Гастроентерохепатологија на Детската клиника во Скопје, денес се реализираше донација од страна на Синдикатот на УПОЗ и Синдикалната организација при Царинската управа.

Оваа иницијатива беше поттикната од страна на Синдикалната организација при Царинската управа која наместо подароци по повод денот на жената Осми март, одлучи средствата кои ќе се искористеа за таа намена да ги насочат на оние кој во овој момент тоа им е најпотребно.

Со обезбедените средства се набавија монитор за следење на виталните параметри на потешко болните пациенти и дигитална вага со висинометар за мерење на телесната тежина и висина.

Донираниот монитор, поседува сонди за следење на работата на срцето (пулсот), кислородна сатурација, респираторните патишта, телесната температура, ЕКГ и крвниот притисок, и е наменет и за помалите и поголемите деца.

Освен интервентните процедури, мониторот ќе користи и за следење на виталните параметри кај потешко болните деца кои се хоспитализирани на детската клиника. Дигиталната вага со висинометар ќе се користи за мерење на телесната тежина и висина и истата ќе се користи во секојдневната работа на одделот.

Оваа донација беше предадена од страна на Генералниот секретар на Синдикатот на УПОЗ Бојан Трипуноски, Претседателот на Синдикалната организација при Царинската управа Тони Апостоловски, Заменик претседателот на СО при Царинската управа Арменд Ибраими и членовите на СО при Царинската управа Тања Илиоска и Гордана Динеска.

Се надеваме дека ваквите активности ќе бидат поттик и останатите синдикални организации наместо прослави или подароци да организираат донаторски акции и да им помогнат на оние лица кои во овој момент имаат најголема потреба.

Гранскиот Колективен договор се однесува само на вработените, а не на функционерите, но со оваа одлука на Апелациониот суд Битола им се отвора патот на сите функционери, избрани или именувани да добијат регрес за годишен одмор, нека е честито. Очигледно не беа доволни 78%, па да се земе дур се може и тоа што треба и тоа што не треба.

Апелациониот суд Битола на 23.01.20204 година, преиначил пресуда на прво степен суд и одлучил дека судија од Основен суд Битола треба да добие регрес за годишен одмор и тоа за 2020, 2021 и 2022 година, во износи од по 9.000,00 денари за секоја година, со законска казнена камата.

Судскиот буџетски совет на седница одржана на 26.02.2024 година, по точка 4 од дневниот ред, го разгледал и усвоил барањето од ОС Битола за исплата на пресуда на ОС Прилеп РО-287/23 од 10.07.2023 година и пресуда на Апелационен суд Битола РОЖ-553/23 од 23.01.2024 година, што само по себе значи дека сите судии, над 650 на број во државава, ќе треба да добијат регрес за годишен одмор во износ од 27.000,00 денари, и со тоа и да го испразнат буџетот на Судскиот буџетски совет.
При носење на Пресудата, Апелациониот суд Битола посветил големо внимание во толкување на Гранскиот Колективен договор, и заклучил дека иако тужителот (СУДИЈА) Е ИЗБРАН ФУНКЦИОНЕР, тој е вработен, истиот треба и мора да добие регрес за годишен одмор, и токму по одредбите на Гранскиот колективен договор.

Иако, Комисијата за следење и измени и дополнувања на Гранскиот Колективен договор, на 18.08.2021 година, има донесено Заклучок во кој се вели дека: Функционери, односнно лица кои добиле мандат да изввршуваат функција на парламентарни или локални избори и лицата кои добиле мандат да извршуваат функции во извршната или судската власт преку избор или именување од Собранието на Република Северна Македонија или од органите од локалната власт, како и други лица кои согласно со закон се избрани или именувани на функција од носителите на законодавната, извршната или судската власт НЕ СЕ СМЕТААТ ЗА ВРАБОТЕНИ согласно Гранскиот колективен договор, Апелациониот суд од Битола, решил да донесе пресуда против здравиот разум и правните норми и да им овозможи на над 650 судии во државата да добијат по 27.000,00 денари за три години неисплатен регрес.
Ваквото толкување на Апелациониот суд Битола, значи дека сите функционери (премиер, министри, заменици министри, пратеници, градоначалници, директори, итн.) иако се функционери, ќе треба да добијат регрес за годишен одмор бидејќи по Законските прописи во Р. Македонија, сите функционери се вработени во државните институции и таму им тече стаж.

За вработените кога се распишани избори не смеат да се исплаќаат додатоци и надоместоци на плата бидејќи истото се смета за корупција, за судиите очигледно не важат истите правила, впрочем сами си ги пишуваат.

Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ Трпе Деаноски, заедно со претседателот на Синдикалната организација при Јавните обвинителства на РМ Изабела Илиева и членот на Извршниот одбор при СО при Јавните обвинителства Дритон Мемети, одржаа работна средба со Претседателот на Владата на РСМ Талат Џафери.

Оваа работна средба, се одржа на барање на Синдикатот на УПОЗ, а на истата се разговараше за проблемите со кои се соочуваат вработените во јавните обвинителства и судовите, но и за сите проблеми со кои се соочува Синдикатот на УПОЗ во овој период.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски, на почетокот ги образложи барањата кои ги имаа вработените во јавните обвинителства, за кои оваа група на вработни штрајкуваше повеќе од три месеци. Барањата на Синдикатот на УПОЗ, беа да се зголемат платите и да се вратат додатоците на плата во износ од 35%. Исто така, Претседателот Деаноски ја искористи оваа прилика да го запознае Претседателот на Владата и со барањата на судската служба во врска со платите на вработените во судовите и враќањето на додатоците на плата.

Тема на разговор на оваа средба беше и укинувањето на членот 66 став 3 од Законот за буџети, со што на вработените во Министерството за финансии, Управата за имотно правни работи и Бирото за јавни набавки им се ускрати правото на надополнување на платата во висина од 30%.

Оваа прилика беше искористена од страна на Синдикатот на УПОЗ, да се укаже и на носењето на Законот за административни службеници по скратена постапка, со која вработените во државната управа, нема да го добијат усогласувањето со порастот на минималната плата во месец март.

Претседателот на Владата на РСМ Талат Џафери, посочи дека е запознаен за дел од барањата на Синдикатот на УПОЗ и укажа дека ќе се заложи во рамки на неговите овластувања овие проблеми со кои се соочуваат вработените да бидат решени преку дијалог со Синдикатот, а во рамки на социјалното партнерство.

Од 25.01 до 26.01.2024, во Хотел Романтик – Велес, со поддршка на Европската федерација на синдикатите од јавниот сектор (ЕПСУ), се одржа работилница за Секцијата на жени при Синдикатот на УПОЗ насловена “Зајакнување на капцитетите на Секцијата на жени при Синдикатот на УПОЗ”.

На оваа работилница, учествуваа повеќе од 30 членови на Синдикатот на УПОЗ - жени од 19 различни синдикални организации организирани во Синдикатот на УПОЗ.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски ја отвори оваа работилница, и укажа дека вакви работилници во која ќе се зборува за половата застапеност и проблемите со кои се соочува понежниот пол, се повеќе од потребни на Синдикатот на УПОЗ. Низ годините наназад Секцијата на жени при Синдикатот на УПОЗ не покажуваше зголемена активност, но со нови идеи и нови сили, оваа година ќе заземат значајно место во програмата која Синдикатот на УПОЗ ја има предвидено за оваа година.

Во привот ден од оваа работилница, свое излагање имаше и регионалниот координатор на Европската федерација на синдикатите од јавниот сектор Милош Влаисављевич, кој ги запозна присутните со работата и организациската поставеност на ЕПСУ но и со резултатот на Синдикатот на УПОЗ, како еден од најдобрите примери за регрутација на ново членство во последните две години. Тоа секако се должи на преземените активности на Синдикатот на УПОЗ кои ги имаше во последните две години.

Вториот ден, се разработуваше темата Дискриминација во областа на работните односи, тема која беше разработена од страна на проф. Д-р Александар Ристовски, од катедрата на трудовото право на Правниот факултет – Јустнијан први.

Во овој дел, Проф. Ристовски се осврна на правната и институционалната рамка на заштита од дикриминација во Македонија, директната и индиректната дискриминација, а беше реализирана и работа во групи.

Во вториот дел, Проф. Ристовски ја разработи темата Вознемирување на работното место со особено акцент на насилство и вознемирување на работно место, дискриминацииски и недискриминациски вознемирувања на работното место (пристапот во САД и ЕУ), родово вознемирување базирано на вознемирување на работно место, но и достапните механизми за превенција и заштита од вознемирување на работното место и правните лекови и санкции.

По оваа дискусија учестуваше и Адвокатот Игор Марковски кој ги пренес своите искуства од судската пракса за вознемирување на работното место. Беа посочени практични примери на вознемирување на работно место, но и елементи и услови за поимот мобинг. Адвокатот Марковски исто така ги запозна членовите на Секцијата на жени со постапката за поведување на судска постапка и чекорите кои треба да бидат запазени.

На крајот од оваа работилница од страна на членовите на Синдикатот на УПОЗ од Секцијата на жени, беа посочени теми кои заедно ќе бидат разработени од органите и телата на Синдикатот на УПОЗ и во иднина ќе дадат резултат со што ќе се зголеми активноста на оваа Секција, а Претседателот Деаноски укажа дека во најбрз можен рок ќе биде избрано ново раководство на оваа секција.